Амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, денес ја посети Општина Арачиново

Денес, во Општина Арачиново престојуваше во официјална посета Амбасадорот на Република Словенија во Северна Македонија, г. Грегор Прескер. Ова претставува прва официјална посета на словенечки амбасадор во нашата општина.

Градоначалникот Ридван Ибраими го информираше амбасадорот Прескер за тековните активности, предизвиците и потребите на Општина Арачиново. Во име на сите жители, тој му се заблагодари на словенечката држава и народ за поддршката дадена при реализацијата на проектот за енергетска ефикасност во ООУ „Ѓерѓ Кастриот Скендербеу”, ООУ „Бајрам Шабани” и објектот на Општината.

Амбасадорот Прескер ја изрази својата подготвеност овој плоден соработнички процес да продолжи и во иднина.

Средбата денес претставува вовед во посетата на висока словенечка делегација која ќе се реализира во средината на јуни, со цел промоција на проектот за инсталација на термални пумпи и фотоволтаици во двете училишта и во општинската зграда, во соработка со Центарот за инвестиции и регионален развој од Словенија.

Исто така, амбасадорот изрази желба да ја посети населбата на мебелот, со цел да се запознае одблиску со работата и производството на мини-фабриките што функционираат на територијата на Општина Арачиново, со надеж дека соработката ќе се прошири и во други области како што се локален развој, образование и инфраструктура.