Денес, Општина Арачиново во рамки на проектот „Be Clean, Be Green” успешно организираше прекугранична конференција со обединување на локалните власти, експертите за заштита на животната средина и организациите на граѓанското општество од Косово и Северна Македонија. Конференцијата, финансирана од Европската Унија преку Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Косово, во рамки на Програмата за прекугранична соработка Косово – Северна Македонија, има за цел зајакнување на регионалната соработка во управувањето со цврстиот отпад и третманот на отпадните води.
Градоначалниците на двете Општини, Арачиново и Раховец, Ридван Ибраими и Смаил Латифи, денес се сретнаа во Скопје за да дискутираат за одржливите практики во управувањето со комуналниот отпад и отпадните води, со фокус на размена на искуства и развој на заеднички стратегии за заштита на животната средина.
Конференцијата го истакна напредокот постигнат во рамки на проектот „Be Clean, Be Green”, вклучувајќи изградба на постројка за селекција и одвојување на комуналниот отпад во Општина Арачиново, изградба на биосистеми за управување со отпадните води во Општина Раховец, набавка на возило за собирање на комунален отпад, како и поделба на канти за отпад во домаќинствата и институциите на територијата на Општина Арачиново.
Двете општини, Арачиново и Раховец, се корисници на средства од Програмата ИПА II, а претставникот на Европската комисија и Министерството за локална самоуправа на конференцијата одржана денес во Скопје ветија поддршка и во иднина, охрабрувајќи ги двајцата градоначалници да аплицираат и на следниот повик од ИПА фондовите.
23 септември 2024
Сектор за информирање
Општина Арачиново










